Јован Вранишковски повторно седна на обвинителна клупа, а за перење пари им се суди и на двајца епископи, монаси и верници на неговата Православна охридска архиепископија.
– После седуммесечно одлагање на закажуваните почетоци на судењето, денес, на 28-ми Јануари 2016 год., во Основниот суд Скопје I, Скопје, започна политички монтираниот судски процес против Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, двајца Епископи, свештеници, монаштво и верници на Православната Охридска Архиепископија – информиаа денеска од ПОА.
Оттаму обвинуваат дека се врши „тенденциозно одолговлекување“ на процесот со тоа што „ Јавниот обвинител побара повторно сослушување на сведоците, кои инаку веќе беа сослушани во претходната постапка“.
– Адвокатот на Архиепископот охридски г.г. Јован, му предочи на судот дека во одлуката на Врховниот суд, со која се укинува пресудата на Основниот суд и предметот се враќа на повторно судење, кристално јасно е запишано дека Врховниот суд воопшто не ги оспорува изјавите на сослушаните сведоци и дека всушност го повикува Основниот суд, врз основа на веќе постоечките изјави и докази, да ја преиспита својата одлука. Спротивно на препораките на Врховниот суд, Основниот суд, сепак, реши да го прифати барањето на Јавниот обвинител и следното почиште го закажа дури за средината на март, продолжувајќи го на тој начин судскиот прогон врз верска основа – се наведува во соопштението од ПОА.