Вработените во акционерското друштво „ТЕ-ТО“ од Скопје сакаат јавно да ја искажат својата поддршка на сите субјекти кои се заинтересирани и активно работат на изнаоѓање реални решенија кои на компанијата ќе ѝ овозможат да ги надмине проблемите со финансиската стабилност и конкурентноста на постројката на пазарите на енергија со цел компанијата да продолжи со својот раст и развој.
Првенствено, ние како вработени во ТЕ-ТО и секако, како една од најзаинтересираните страни за опстанок на компанијата, ја искажуваме нашата јавна поддршка и благодарност до Судот кој, постапувајќи согласно законот, го прифати планот за реорганизација на компанијата. Ние сме убедени дека токму овој план ѝ дава реална шанса на нашата компанија да продолжи да се развива, што претставува најдобра гаранција за стабилноста на работните места и за редовна исплата на плати и придонеси кои овозможуваат просперитет и благосостојбата на сите вработени и на нивните семејства.
Истовремено, сакаме да ја искажеме и нашата благодарност до мнозинството акционери и доверители на компанијата кои, и по цена на откажување од некои свои поединечни интереси, покажаа висока зрелост и разбирање и дадоа согласност за реализација на планот за реорганизација, со што обезбедија предуслови да продолжи редовната работа и функционирање на компанијата.
Ги повикуваме останатите малцински акционери и доверители наместо да размислуваат како да ги блокираат започнатите позитивни процеси, да почнат вистински да работат за доброто на компанијата, затоа што само на таков начин таа ќе може да опстане што, секако е и нивен врвен интерес.