Вработените во Општина Кочани не се хранат во Народната кујна, можеби некој случајно се нашол таму, вели градоначалникот Папазов

by fokus

Со години наназад вработени во Општина Кочани се хранат во Народната кујна, која е наменета за социјално загрозени случаи! Дури си земаат од храната во садови, за да си однесат дома и да не готват! Секој ден во 10 часот пред Народната кујна можете да ги видете кои се тие – алармираше на социјалните мрежи кочанскиот хуманист Благојчо Горгиев, кој стана актуелен во јавноста кога понуди дом за семејство погодено од земјотресот во Турција.

Неговото тврдење дека кочанската администрација им го зема бесплатниот топол оброк на социјално загрозените граѓани предизвика револт кај граѓаните, а беше пренесена и во тамошните локални медиуми.

Околу тоа дали навистина општинските службеници се корисници на Народната кујна, за ,,Фокус” се огласи кочанскиот градоначалник Љупчо Папазов.

Тој тврди дека најверојатно станува збор за недоразбирање, бидејќи сите вработени во општината имаат добри примања и не се во ситуација да се хранат во Народна кујна, ниту пак да носат од бесплатните оброци дома.

-Ги следам реакциите, по повод оваа тема ме бараа и новинари од регионален медиум. Јас лично не верувам дека такво нешто се случува. Можеби некој од вработените во општината случајно се нашол таму, но да се храни во Народната кујна е нешто кое воопшто не е веројатно.

Просториите во кои се служи храната за социјално загрозените случаи во Кочани се наоѓа на околу два километри од општинските простории, кој би одел толку далеку во тек на работно време за да земе бесплатен оброк?

Покрај тоа, изготвени се и листи на корисници на оброкот, има услови под кои овие луѓе се на тој список. Начинот на делење е под Центарот за социјална работа, но сепак, и покрај тоа што сум уверен дека никој од општината не зема од храната, јас ќе разговарам со вработените – ни изјави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости