Вработените во Медиумската информативна агенција (МИА) и денеска излегоа на предупредувачки протест за време на паузата, бидејќи Владата сè уште не одговори на нивното барање за зголемување на платите.
Тие имаат серија барања од кои најитно е зголемување на платите за 30 проценти и порамнување со трошоците на живот.
МИА дневно продуцира околу 400 вести на македонски, на албански и на англиски јазик и е главен извор на вести во медиумскиот простор како во државата, така и во регионот.
Вработените во МИА се надеваат дека набрзо ќе има позитивна разрешница на нивното легитимно барање за зголемување на платите.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници оценува дека барањата на вработените во МИА се легитимни и дава целосна поддршка, бидејќи слободата на медиумите и слободата на говорот, па дури и борбата против лажните вести се невозможни ако новинарите и медиумските работници имаат потпросечни плати.