Германската влада, локалните власти и синдикатите постигнаа договор доцна во саботата за повисоки плати за 2,5 милиони работници од јавниот сектор во земјата, спречувајќи ја можноста за штрајкови на неодредено време.
-Вработените вршат добра услуга во општ интерес на сите нас, а времињата се многу тешки, затоа мора и ние соодветно да ги плаќаме, рече Ненси Фезер, министерка за внатрешни работи на земјата.
Синдикатите бараа значителни покачувања бидејќи земјата, како и многу други ширум континентот, се бори со висока инфлација.
Меѓу другото, договорот подразбира еднократни плаќања без данок во вкупна вредност од 3.000 евра во неколку фази, при што првите 1.240 евра ќе бидат доделени во јуни, а потоа 220 евра секој месец од јули до февруари 2024 година.
Во март 2024 година, месечно платата за сите јавни работници ќе се зголеми за 200 евра, по што ќе следи зголемување на платите за 5,5 отсто, со минимално зголемување од 340 евра.