Вработените во Македонска филхармонија ја поздравија одлуката со која се менува претходно донесената одлука од Министерството за култура со која во објектот на Филхармонија требаше да се смести и Џез оркестарот како втора институција.
Тие во соопштението до јавноста велат дека нема да и се извинат на на јавноста како што повика вчера министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и ја поканија министерката да дојде на концерт во Македонската филхармонија.
„Со упорност, аргументи, вистина и единствена сплотеност, вработените во Македонската филхармонија успеаја да се изборат за промена на штетната одлука поради која протестираа во изминативе три месеци. Одлуката која ја донесе Министерството за култура на седница на Влада пред три месеци, за просторно сместување на втора институција во објектот на Филхармонија вчера беше променета“, соопшти Синдикатот на вработените во Македонска филхармонија.
Вработените во Филхармонија велат дека во изминативе неколку месеци, освен што се бореле да го зачуваат нивниот простор се бореле и против канонади од лажни вести и дезинформации.
„Не подлегнавме на притисокот, кој беше силен и интензивен, ниту пак се откажавме од нашата борба да си го зачуваме нашиот работен простор“, велат вработените во Филхармонија во соопштението до јавноста.
На вчерашната прес конференцоја, велат тие, дека Министерката за култура повторно ги нападна и побара да и се извинат на јавноста која сме ја манипулирале во изминативе три месеци.
„Јавните обраќања секогаш зборуваат двонасочно, на вашата прес конференција, почитувана министерке зборувавте за Нас, но вашата прес конференција зборуваше и за Вас. Единствена вистина на вчерашниот прес, беше само вашата констатација дека нашите протести не беа синдикални. Се сложуваме, нашите протестите беа уметнички“, велат вработените во Филхармонија.
Тие додаваат дека протестите биле поддржани и од вработени кои не се членови на нивната синдикална организација, директорката на институцијата и Управниот одбор. Според нив за првпат во историјата на оваа институција на иста страна застанале речиси сите вработени.
„Ние нема да и се извиниме, туку срдечно ќе и се заблагодариме на јавноста која не поддржуваше во оваа наша битка, на нашата верна публика која доаѓаше на нашите концерти и покрај отворените повици за бојкот, на луѓето од фелата и врвните музичари кои ни дадоа безрезервна поддршка. Во моменти кога вработените во Филхармонија, но и нашата институција беа јавно нападнати од поединци на социјалните медиуми, кога бевме оставени сами да се бориме против штетната одлука која ја донесе Министерството за култура, искрената поддршка на луѓето од фелата беше нашиот столб, нашиот ветер во грб“, стои во соопштението од вработените во Филхармонија. .
Вработените во Филхармонија јавно се заблагодаруваат на пијанистите Симон Трпчески и Дино Имери, на поранешните директори на Филхармонија – Мелпомени Корнети, Васил Атанасов, Ганка Самоиловска Цветанова, Кармен Костова и Маја Чанаќевиќ, на диригентите Емил Табаков, Јерухам Шаровски, Конрад ван Алфен, Миријан Хухунаишвили, Габриел Бебешелеа, Џорџ Џексон, Вања Николовски – Ѓумар и Борјан Цанев, на виолинист и професор Олег Кондратенко, на претседателката на СОКОМ Валентина Велковска -Трајановска, на поранешен концерт мајстор во пензија – Румен Димитриев, на музикологот Марко Коловски, на колегите од Белградска филхармонија и од Сараевска филхармонија.
„Овие луѓе храбро и безрезервно застанаа на наша страна, во одбрана на вистината во моменти кога сите беа свртени против нас. Им благодариме од срце! Почитувана министерке, останува отворена нашата покана конечно да дојдете на концерт во Македонската филхармонија, а одличен повод за тоа е концертот на Белградска филхармонија во сабота. Со задоволство ве очекуваме“, велат во соопштението до јавноста вработените во Филхармонија.