Жители на липковското село Оризари насилно влегле во просториите на подружницата на ЕВН во Куманово, по што вработените ги напуштиле просториите, потврдуваат од компанијата.
„Се до создавање на нормални услови за работа, Корисничкиот енерго центар на ЕВН – Куманово нема да работи“, стои во кусото соопштение од ЕВН.
Од Електродиструбуција биле принудени да повикаат екипи на МВР кои веднаш пристигнале.
Ова следува откако жителите на Слупчане, но и на Оризари од општина Липково се уште немаат електрична енергија. Од ЕВН информираат дека нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села, се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција.
Вчера сжителите на Слупчане повторно ги попречиле екипите на ЕВН во нивната работа, поставувајќи нови блокади во селото. Се соочиле со вербални и физички закани од мештаните, а на терен била присутна и полицијата.
Жителите на Слупчане имаат 13 барања кои компанијата ги достави до медиумите, во кои, тие бараат да им се простат досегашни долгови кои, како што наведуваат од компанијата изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3.000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања, кои додаваат од ЕВН, се спротивни на законските регулативи.
Министерот за економија Крешник Бектеши пак денес изјави дека секој граѓанин треба да плати толку колку што потрошил струја и ги повика надлежните да им овозможат на вработените во ЕВН да го поправат дефектот во Слупчане и да пуштат струја.