Тина Мицковска, активист за правата на животните и портпарол во ЗОО Скопје, денес сподели непријатно искуство кое го доживеала од несовесен посетител и неговата партнерка.
Имено, возрасен маж бил забележан како ја прерипал оградата и влегол кај жирафите. Откако Мицкоска го опоменала дека тоа е забрането и дека го доведува својот живот во опасност, тој дрско ја поттурнал со лакт, одвраќајќи и дека десет години работел како обезбедување и нема што таа да му кажува како да се однесува.
Но, вистинската драма започнала кога бил замолен да ја напушти Зоолошката градина. Тогаш на сцена стапила неговата партнерка, која истурила десетици клетви врз Мицковска, и на крај сочно ја плукнала.
-Секој ден се повеќе се изненадувам од некултурата. Возрасен човек прерипа преку огради кај жирафи. Жена му го чека. Културно го опоменувам дека тоа е забрането, а плус си го загрозува животот. Која си мори ти да ми кажеш, ја 10 години работам обезбеџење. Повторно културно укажувам дека тоа што го прави не е во ред, на што ме прави проста. Додека пробувам да објаснам колку е тоа опасно, намерно ме удира со лакт да исценира инцидент. Ги замолувам да ја напуштат Зоолошката и тука од него и жената започнуваат клетвите: Јалова да останеш, Децата да ти умрат, Аир да не видиш, Сите болести да ги фатиш, Бел ден да нема за тебе, маж да ти умре… Да не редам понатака, се згрозив и потресов искрено. Се воздржував и продолжив да бидам културна обраќајки се со господине и госпоѓо. На излезот жената ми се обрати со- Проклето жениште и колку што можеше најсочно ме плукна. Кажете ми како со вакви луѓе? Наместо да уживам во денот со волонтерите од Црвен Крст кои ни донираа дрвја и ги засадија или пак дечињата од Проект Среќа кои ни беа денес на гости, јас морав да трпам тортура од вакви невоспитани граѓани. Не почитуваат ни правила, ни ред, ни закон. Ќе не биде… Никогаш – сподели Мицковска на својот Фејсбук профил.
Таа за ,,Фокус” го потврди случајот, додавајќи дека не е прв пат да се соочуваат со слични ситуации. Се случувало дрски посетители, откако ќе бидат опоменати поради кршење на правилникот во Зоолошката, да се закануваат дури и на тамошното обезбедување.
Минатата недела од ЗОО Скопје десет посетители биле избркани, бидејќи ги хранеле животните со грицки, и покрај истакнатата забрана.
Вики Клинчарова