Вработена во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во моментот сведочи во Кривичниот суд за случајот „Трезор“, но јавноста не може да го слушне сведочењето бидејќи по барање на обвинителот Артан Ајро, судот ја исклучи јавноста.
Обвинителот истакна дека сведочењето треба да биде зад затворена врата, бидејќи сведокот се уште е вработена во УБК, а станувало збор и за информации од таен карактер.
Судијката Џенета Бектовиќ го прифати барањето на обвинителот Ајро за исклучување на јавноста, за да сведокот не се доведе во ситуација да открие државна тајна.
Според обвинението на СЈО обвинетите, Мијалков, Стајковиќ, Тони Трајковски и Горан Грујевски, се гонат бидејќи направиле проневера на 860.000 евра за набавка на опрема од странство а за потребите на Петтата управа во УБК.
Поточно, според СЈО, Мијалков, Јакимовски и Грујовски во 2010 година отпатувале во Лондон и договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите. Но наместо набавката да оди преку министерството, функционерите ја вклучиле и компанијата „Финзи“. Откако компанијата ја превзела набавката, увозот на опремата го фактурирале по двојно поскапа цена.
Набавката е направена во 2010 година, а „Финзи“ е формирана една година претходно.
На обвинителите од СЈО им било сомнително тоа што компанијата била без ниту еден вработен, а ниту имала пари да ја набави опремата, но и покрај тоа МВР ја одбрало за партнер. Сомнително било и тоа што воопшто на МВР и бил потребен посредник во зделката.
„Финзи“ е во сопственост на фирма во САД, а компанијата од САД ја поседува фирма од Кипар. Прв дирктор на „Финзи“ беше Владислав Стајковиќ, а последен Коста Крпач, сведокот на СЈО кој се самоуби.
В.В.