На 2 октомври во Кривичниот суд во Скопје со сослушување на сведоци продолжува судењето за настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.
По денешното сослушување на сведокот Ацо Ангеловски, поранешен телохранител на Оливер Спасовски, рочиштето продолжи со исказите на сведоците Александра Богоевска Крстановска, во тоа време вработена во собраниското обезбедување, Маријан Митевски, поранешен вработен во шестата управа како шеф на обезбедување на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски и полицаецот Агим Алиу.
Вкрстеното испрашување на Богоевска Крстановска, што траеше речиси два часа, главно се однесуваше на наредбата добиена од страна на обвинетиот Горан Јошевски-Леви, во тоа време началник.
По прашањата на обвинителката Вилма Рускоска, да каже што се случило на 27 април во Собранието и да каже што правела таа, Богоевска Крстановска наведе дека дента била ангажирана на портирницата кај влезот од страната на Дом на АРМ, дека најнапред добила наредба од нејзиниот надреден Александар Јанковиќ да го затвори влезот и да ја стави заштитната греда, а потоа била известена дека Јанковиќ е повреден и пренесен во амбулантата на Собранието.
Таа дејствувала сама бидејќи сите нејзини колеги биле распоредени во пресс-центарот.
Потоа колега ја известил дека ќе дојдат двајца од УБК што треба да ги пушти во мониторинг салата. Пристигнале четворица, обвинетиот Сашко Марковски и кажал дека треба да ги пушти да влезат во мониторинг салата, а таа одговорила дека не може да го стори тоа без наредба од началникот. Марковски на тоа и посочил дека е договорено со обвинетиот Јошевски тие да влезат во просторијата. Добила повик од Јошевски, кој и навел дека наредбата за нивен влез доаѓа директно од директорот на БЈБ, обвинетиот Митко Чавков. Потоа таа ги пуштила. Обвинетите Оливер Радулов и Марковски во мониторинг салата се задржале 10 минути.
По многубројните прашања од дел од одбраната и обвинетите, таа наведе дека не сторила криминално дело, дека ситуацијата била вонредна, постапила по наредба и покрај тоа што наредбата не дошла директно од нејзиниот надреден, што во тој момент бил неконтактибилен, а пак неговите надредени користеле годишен одмор.
Посочи дека двајцата кои влегле во мониторингот не изнеле ништо, освен, како што истакна „само чантичките кои беа на нив и кога влегуваа“.
Беше прашана и за достапноста на прозорецот, за кој наведе дека постојано е отворен. Таа одговори дека речиси е невозможно да се влезе во просторијата преку тој прозорец поради поставеноста.
Богоевска Крстановска одоговори дека никогаш немала личен контакт со Чавков, посочувајќи дека поради начинот на постапување за време на критичните настани таа била казнета со 15 проценти од платата, три месеци.