Управата за финансиска полиција поднесе Кривична пријава против К.Г., во својство на член на Управен одбор на АД МЕПСО во периодот од 24.06.2009 до 17.02.2016 година и одговорен проект менаџер за имплементација на компјутеризиран деловен информациски систем за несовесно работење со што ја оштетила компанијата за над 360.000 евра.
-Пријавената К.Г., во својство на одговорен проект менаџер за Пакет 14 – Набавка и имплементација на компјутеризиран деловен информациски систем (БИС) финансиран од заемот на Светска банка – ECSSE APL – 3 Macedonian project, во 2016 година, несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности, на начин што потпишала и потврдила прием и имплементација и овозможила плаќање на Бизнис информациски систем, набавен од Конзорциум Кинг ИЦТ ДООЕЛ Скопје и Кинг ИЦТ ДООЕЛ Загреб, иако испорачаниот систем не бил функционален, односно не бил изработен согласно техничките спецификации, одделни модули давале погрешни податоци и извештаи, договорените и платени продукциски лиценци никогаш не биле инсталирани, ниту пак во гарантниот период презела соодветни мерки и дејствија со кои би се исправиле сите недостатоци и купениот софтвер би се интегрирал целосно согласно договорените спецификации и на тој начин го оштетила буџетот на АД МЕПСО за износ од 22.215.675,00 денари, соопшти Управата за финансиска полиција.