Не се прави песна за Евровизија за седум дена, реагираат композитори, МРТ вели дека авторите творат во тек на цела година!

by Фокус 10:40
10:40

Седум дена да се создаде и понуди песна за Евровизија е прекраток рок, реагираат дел од композиторите во земјава, откако вчера Македонската Радио Телевизија соопшти дека ги повикува сите заинтересирани да понудат свои музички проекти најдоцна до 27-ми јануари. Нашиот претставник веќе е избран, и годинава како и лани изборот паднал на струмичанецот Васил Гарванлиев, а реакциите на социјалните мрежи не стивнуваат.

-На 20-ти јануари МРТ распишува конкурс за песна која треба да не претставува на Евровизија во 2021 година во Холандија. Значи, сите кои имаат песна за одредениот пејач од лани, господинот Васил Гарванлиев, да испратат песна до 27-ми јануари. Приказната што се вика учество на Евровизија, државата ја чини сериозни пари! Тие сериозни пари се одредени од Владата на РСМ, за МРТВ. Значи, пари на граѓаните од буџетот на државата. Со кое право, одговорните за проектот Евровизија распишуваат конкурс во пет до дванаесет, без никакви претходни најави, критериуми и така натаму? Одамна е оваа приказна приватизирана од неколку луѓе во МРТВ. Јас иако сум од оваа фела, предлагам годинава да не учествуваме на Евровизија. Тоа е сериозен проект, за олку несериозен пристап кон него – реагира композиторот Владимир Дојчиновски – Дојчин.

- Advertisements -

Неговата реакција наиде на поддршка од повеќе лица кои се дел од музичката индустрија во земјава, а не изостанаа и шпекулации дека можеби веќе се знае и која песна ќе биде избрана. Од МРТ на прашањето на ,,Фокус” како се проценило дека седум дена се доволни за да се создаде песната, велат дека авторите кои се заинтересирани за Евровизија, вообичаено творат во текот на целата година и веруваат дека имаат што да понудат во секој момент.

-Досегашното искуство говори дека авторите кои го следат iзборот за песна на Евровизија и изразуваат интерес за свое претставување на овој натпревар творат на темата во текот на целата година, за што сведочат и многу песни испратени до нас како предлози од автори од земјата и надвор од неа, во текот на целата година и пред објавување на конкретен јавен повик. Веруваме дека авторите работат на музика и творат секојдневно и имаат што да понудат во секој момент. Ова не е рок во кој МРТ им дава време на авторите да напишат песна, туку да ги испратат своите потенцијални дела, а избраната песна секако понатаму дополнително ќе се доработи, како и во претходните години –појаснија од МРТ.

Минатата година избраната песна за Васил беше ,,You”, авторско дело на Невенка Нешкоска, која ја напиша музиката, а текстот беше изработен заедно со нејзината сестра Калина и Алис Шредер. Откако биле преслушани сите песни коишто пристигнале по јавниот повик, Македонската Радио Телевизија заедно со Васил се одлучиле за нумерата на Нешкоска. Тогаш Гарванлиев ни изјави дека со авторката се знаеле подолг период, а таа прва му се јавила веднаш по распишувањето на конкурсот, да го праша за неговите гласовни можности и за деталите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости