Во Кривичниот суд во моментот се оддржува рочиштето за “Таргет и Тврдина”, за масовното нелегално прислушување во УБК, но зад затворено врати, по барање на обвинителството.
На рочиштето е предвидено да сведочи сведок вработен во УБК, кој во критичниот период работел и на системите за следење на комуникација, па за да не дојде при сведочењето да открие службена тајна, обвинителот Трајче Пеливанов побара јавноста да биде исклучена.
Во Таргет-Тврдина првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.