Впери го прстот прво кон себе

by Fokus

Сме се погледнале ли себеси пред да почнеме да се чудиме и да му судиме на другиот, да не се сметаме ние подобри од другиот, без мани и грешки

Звонко ДАВИДОВИЌ

Сведоци сме на едно тешко време, време на изопачување на моралните вредности и девијации, кои се вовлекле во човештвото. Ако прочитате весници некогаш и сега, ако ги погледнете социјалните мрежи и пораките што ги испраќаат некогаш и сега, не можете, а да не констатирате дека од убави и позитивни вести, од достигнувања и успеси, се сведовме на лоши и негативни вести, на неуспеси и пропаѓања.

Се всадило во нас луѓето злото, омразата, насилството, нетолерантноста, од трагачи по доброто, по убавото, по реткото, по вдахновение, ние станавме трагачи по лошото, злото, по накарадното, по амбиси и морални пропаѓања.

СВЕДОЦИ СМЕ НА НАСИЛСТВО

Не ги отвораме очите да ја видиме убавината и со неа да се инспирираме, туку со неубавото и со лошото се храниме. Дури и кога ќе видиме убавина или добро, ние не го препознаваме, туку и во него зло гледаме, со боите на лошото го боиме, го извртуваме само на лошо да наликува. Не  го користиме слухот да чуеме добро, туку копнееме да чуеме лошо, а кога ќе слушнеме нешто и малку што на лошо наликува, трчаме да го пренесеме тоа, па и да го преувеличиме, не чекајќи потврда вистина ли е. А злото со злото се храни, едно зло буди друго и така во маѓепсан круг, во недоглед.

Подолго време сме сведоци на насилство и физички пресметки меѓу учениците од различна националност. На објавен наслов ученици Албанци претепале ученици Македонци или обратно, наместо родителите и општеството да влијаат врз смирувањето на страстите и казнување на виновниците со воспитно дејствување, почнува вистинска кампања на омраза и канонада на навреди.

На прашањето зошто толкава омраза, одговорот е, па и тие нѐ мразат нас, омразата е главен аргумент за омраза. Се прашувам, ако едните ја осудуваат омразата кај другите и ако е глупост да мразиш некој што не го ни познаваш, а е глупост, како нивната омраза може да е оправдана и како може и нивната омраза да не биде глупост.

ОДГОВОР НА ОМРАЗАТА

Како воопшто омразата може да биде одговор на омраза ако сакаме да ја снема, да живееме мирно и нормално. Длабоко верувам дека секој од нас, самиот пред себе, длабоко во себе не мрази никого поради името, презимето, верата, националноста, полот, бојата на кожата, партиската припадност. Секој од нас има пријател Албанец, Бугарин, Грк, Србин, сдсмовец, вмровец, секој од нас учел и се дружел и со некој Ацо, Адем, Асен…

Ваквите девијации и изопачувања неминовно нѐ водат, а сведоци сме сите ние, на светската, но и на домашната сцена да почне морален  отстрел на секого кој и малку фигурира како носител или чинител на добро, на оптимизам или напредок, на чесност, кој пропагира љубов, помирување, еднаквост, братство.

Се движиме ли повторно кон некое време од минатото, ново време на лов на вештерки, време во кое нема да се ловат лошите и злите, туку оние кои немаат лошо во себе, зло не мислат и не прават, оние кои се вредни и посебни. Вештерките на денешнината се луѓето што се борат и се залагаат за напредок, за добро, за човечност. Тие, таквите луѓе, се ставаат под микроскопите на моралните накази, тие се скенираат од квази патриоти, на таквите луѓе им се бара грешка во генетскиот код за да им се извалка честа, за да стивне нивниот глас, за да се убие нивната идеја.

Луѓето многу лесно и често, и самите задоени со омраза, наседнуваат на тие и такви хајки и пораки на моралните никаквеци, веруваат кога сите тие ситни и мали души со прст ќе покажат кон некого, тврдејќи дека е вештерка, и таквите лаги ги џвакаат, ги голтаат и ги толкуваат како вистина, како право или вера. Притоа сите тие забораваат дека ниту науката, ниту верата, ниту човечката суштина немаат интенција да пропагираат и да создаваат лошо и зло, туку напротив добро. Не е човечки, не е чесно и нормално другиот да го претресуваме, превртуваме, толкуваме за да најдеме лошо, туку да го поткрепиме и да го потпреме доброто во него.

ПОНИЖУВАЊЕ НА НЕИСТОМИСЛЕНИЦИТЕ

За жал, денес, поединците лесно потпаѓаат под ваквите влијанија и реагираат навредувајќи  ги, или понижувајќи ги неистомислениците, а неретко, сведоци сме и самите, и физички ликвидирајќи ги оние на кои им е вперен прст и кои се означени како вештерки.

Задоени се луѓето со омраза и делби по сите основи, верски, расни, политички, национални, полови… Преполни со стереотипи и предрасуди, слабо образовани и без надградба на основното знаење, навикнати на инстант знаење од интернет, без прочитана книга и исполитизирани до крајни граници, не е ни чудо што луѓето и не можат да ја видат заднината на некои случувања и процеси.

Не се во состојба да формираат свое мислење и да артикулираат свој став, туку слепо се држат за ставот на пастирот, претставувајќи го како свој и индентификувајќи се со него.

Луѓе, сите ние сме слаби, сите ние и грешиме и ќе грешиме,  сите сме и суетни и горделиви и кога не треба, па да најдеме грешка и грев кај некого не е никакво чудо, а кога тоа ќе се случи, сите главно нешто како да се чудиме. Кога на тоа се чудиме, се поставува прашањето од што доаѓа нашето чудење, од што произлегува?

Сме се погледнале ли себеси пред да почнеме да се чудиме и да му судиме на другиот, да не се сметаме ние подобри од другиот, без мани и грешки. Добро би било, секој од нас, пред да го впери прстот кон другиот и да почне да се чуди и да го суди, да го впери прстот кон себе.

Поврзани новости