Стив Паркер и Серги Сергиев од Соединетите Американски Држави се членови на глобалниот тим на „Грин Машинс“ и деновиве посетуваат обука во просториите на БРАКО во Велес. Целта на обуката е детално да се запознаат со возилата за одржување хигиена во урбани средини, со цел поуспешно да ги презентираат машините пред американските купувачи, но и да обезбедат брз и ефективен сервис и техничка поддршка.
„Грин Машинс“ се најсовремени возила за одржување на хигиена во урбани средини, еколошки се и ја зачувуваат животната средина, а особено е важно што во секое возило има одреден степен на иновативност. Станува збор за првиот производител кој има направено метларка на електричен погон, па потоа и на погон на хидроген и тоа е навистина голем успех за мала земја како Република Северна Македонија, велат во еден глас Стив и Серги, кои посетуваат обука во „Брако“.
Стив Паркер, потпретседател за операции во претставништвото на „Грин Машинс“ во САД, вели дека за време на престојот секојдневно ги проучуваат возилата.
„Oдговорните стручни лица во ’Брако’ не запознаваат со целиот систем на возилото, потребно е да го знаеме секој детаљ, за да можеме потоа да ги приближиме до купувачите. Возилата на ’Грин Машинс’ имаат многу компаративни предности, мали се, економични и еколошки, идеални за одржување на хигиена во урбани средини, во САД ние препорачуваме секоја општина, фабрика или институција да има по неколку во своја сопственост“, вели Паркер.
Серги и Стив по враќањето во САД, продолжуваат со работните активности за Green MachinesInc. USA, со седиште во Сан Диего, Калифорнија, фирма во сопственост на „Грин Машинс“ Велес, задолжена за промоција, маркетинг и продажба на двата американски континенти.
„Одлично ни оди промоцијата во САД, има интерес за машините. Квалитетот е неоспорен, технолошки се совршени, а одлично е тоа што овозможуваме и сервис било каде во светот. Се надевам дека со нашата работа ќе придонесеме за уште поголем успех на ’Брако’ и ’Грин Машинс’ и промоција на Република Северна Македонија“, вели Серги Сергиев, потпретседател за продажба и технологија на американската филијала на „Грин Машинс“, чии корени се од Балканот, но голем дел од својот живот го има поминато во САД.
„Грин Машинс“ се веќе познати во САД, оваа година веќе имаше контингент со испораки во калифорнискиот град Сан Диего, а надлежните во фабриката информираат дека интересот за нови нарачки од американскиот континент расте и очекуваат во брза иднина да соопштат уште убави вести за соработката со САД.
ПР текст