Малеска-Сачмароска: Потребни се родови политики во приватниот сектор за жените да сe економски независни 

by Fokus 16:59
16:59

Жените во земјава се соочуваат со длабоко вкоренета дискриминација, за што сведочат големите и постојани родови јазови во сферата на вработување, унапредување и учество во работната сила. Родовите стереотипи ја потхрануваат родово-базираната дискриминација на работното место поради што неопходно е дополнување на законската регулатива и креирање на родови политики во приватниот сектор. Ова се заклучоците на Конференцијата за родова еднаквост на работното место, која се одржа по повод „Меѓународниот ден за еднакви плати“  која се одржа вчера во претседателската вила Водно.

– Во услови на Ковид над 59% од жените останаа надвор од работната сила поради одговорностите поврзани со грижата за децата, возрасните за кои е потребна грижа или други семејни одговорности, во споредба со само 2% од мажите. Жените во Република Северна Македонија извршуваат 72% од неплатената домашна работа и најчесто се јавуваат како неплатени семејни работници, што дополнително ја потврдува нееднаквата распределба на неплатениот труд, што ги прави економски зависни од домаќинството и старост без придобивки од пензијата. Кај руралните средини овој процент е уште поголем, рече директорката на Центарот за управување со промени – ЦУП Неда Малеска-Сачмароска.

Покрај јазовите во сферата на вработеноста, како што посочи Сачмароска жените на пазарот на трудот обично се поизложени на прекршувања на нивните работнички права, зашто тие се повеќе застапени во трудово-интензивните индустрии каде кршењата на правата е вообичаена пракса, а платите се на ниво на минималец. И  покрај тоа, многу мал број на случаи на родово базирана дискриминација на работното место се пријавени бидејќи судската постапка за докажување дискриминација е долготрајна и скапа, но и нема доверба во судскиот систем, постои недоволна информираност, како и стравот од реперкусиите по работното место кај жените-работнички.

-Најновите истражувања покажуваат дека мажите сочинуваат најголем дел од работодавачите (78.8% мажи и 21.2 % жени). Покрај ова, 100% од главните извршни директори од најголемите компании што котираат на берзата се мажи. Дополнително, бременоста остана „пречка“ за жените во тек на процесот на вработување, задржување на работното место и професионален развој, додава таа.

Според координаторката на проектот, Јасна Пајковска потребно е иницирање на измени и дополнување во Законот за работни односи поради недореченост на законските и на подзаконските прописи.

– Новиот закон треба да содржи одредби кои ќе им оневозможат на работодавците да ги злоупотребуваат договорите за вработување на определено време за отпуштање на бремените работнички. Исто така, да содржи и право на работниците на флексибилен работен ангажман поради обврски за рана грижа за деца и други лица, додава таа.

Како што вели Пајковска, релевантните институции треба да работат на подигнување на свеста на граѓаните за постоењето овие институции, на причините за нивното постоење и на формите во кои се појавуваат; за да се примени заштитата од овој вид на дискриминација  неопходно е  сите работодавачи да имаат воведено политики за родова еднаквост и систематизации на работните места во кои ќе се изврши проценка на сите работни места во поглед на одговорноста и комплексноста на работата, потребните знаења и искуство и условите каде се извршува таа работа.

Целта на конференцијата, која беше организирана од Центарот за управување со промени – ЦУП и Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, под покровителство на сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓорѓиевска е да ја презентира моменталната состојба поврзана со родова еднаквост на работното место во нашата земја и активностите што се преземаат од јавниот и приватниот сектор на оваа тема.

Конференцијата беше организирана во два панели, односно првиот на тема „Состојбата на родова еднаквост на работното место во Република Северна Македонија” каде говорници ќе бидат претставници на владини институции и организации, и вториот панел „Градење на подобри работни места преку обезбедување родова еднаквост“ каде говорници ќе бидат претставници на приватниот сектор.

Овој настан се организираше по повод Меѓународниот ден за еднаква плата и во рамки на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид 19“ кој е поддржан од БТД и УСАИД.

Поврзани новости