Полицијата поднесе кривични пријави за криумчарење мигранти и други поврзани дела против Ќ.Н. (31), Џ.Н. (33) и М.Н. (21) од Скопје, како и против П.П. (39) од Гевгелија, кои минатиот месец се обидоа да пренесат 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка од Грција во Србија преку Македонија, но во близината на Штип претрпеа сообраќајна незгода, при што двајца од мигрантите починаа, а 12 беа тешко повредени.
„На 22-ри минатиот месец пријавените Ќ.Н. и М.Н., по претходен договор со Џ.Н. од правно лице од Скопје купиле товарно моторно возило “Ивеко“ со скопски регистерски ознаки на име на третопријавениот, а потоа возилото со купопродажен договор го префрлиле на име на П.П. со цел прикривање на трагите на сопственост на возилото .
По префрлување на група од 23 илегални мигранти преку т.н. “зелен појас“ од Р.Грција во Р.Македонија, на 25.06., согласно претходниот меѓусебен договор на членовите на криминалната група, П.П. со возилото “Ивеко“од с.Богородица, преку Валандово и т.н. “Валандовско брдо“, се упатил на договорена локација во близина на с.Костурино, Струмичко, каде што биле 23 мигранти. П.П. ги прифатил мигрантите по потекло од Бангладеш и Шри Ланка, ги сместил во затворениот-товарен дел од возилото и се упатил кон Штип со намера да ги превезе до кумановско-липковскиот регион. При транспортот заради неприлагоденост на условите и конфигурацијата на патот, П.П. изгубил контрола над возилото и со голема брзина удрил во метална заштитна ограда, поради што од силината на ударот на лице место починале двајца од 23-та илегални мигранти кои ги превезувал, додека 12 биле тешко повредени. По случувањето на собраќајната незгода, П.П. искористил згодна прилика и успеал за побегне од местото на незгодата“, соопштија од МВР.
Од таму истакнуваат дека врз основа на наредби за преземање на истражни дејствија, извршени се претреси на три локации од кои две во Скопје и една во Гевгелија, а П.П. и Џ.Н. се лишени од слобода.