2.3K
Триесетиседумгодишниот кавадарчанец кој со автомобилот на неговата сопруга удри во мопедот со кој се превезувал 15-годишниот Никола, син на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и негово другарче, а потоа побегнал, оставајќи ги повредените деца да лежат на коловозот, бил под дејство на алкохол.
Според јавното обвинителство во Велес, по спроведената истражна постапка, било утврдено дека возачот имал 3,27 промили алокохол во крвта и 2,7 промили алкохол во урината. Настанот се случи кон крајот на месец мај годинава, а сега е поднесен обвинителен акт против возачот, кој за време на случката наместо со пропишаната брзина од 40 километри на час, го управувал автомобилот со 84 километри на час.
Тој се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.1 во врска со чл.297 ст.1 од Кривичниот законик, како и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од чл.301 ст.1 од Кривичниот законик. Несреќата се случила на крстосницата помеѓу улиците ,,Гоце Делчев” и ,,Осми Септември” кога на црвено светло навлегол во крстосувањето, при што мопедот со кој се превезувале децата со предното тркало удрил во предната десна врата на автомобилот. Иако од ударот мопедот со децата паднал и се лизгал на коловозот, при што тие се здобиле со тешки повреди, возачот ги оставил да лежат повредени и не им пружил помош. Градоначалникот Јанчев вели дека иако поминаа околу шест месеци од случката, рехабилитацијата на децата се уште трае и во иднина ги очекувале уште операции.
-Никола помина пет дена на КАРИЛ, а потоа уште две недели во болница. Рехабилитацијата уште трае, ќе следат уште операции на нога, исто и неговото другарче го очекуваат уште операции – ни изјави тој.
Во јуни годинава, откако Никола беше пуштен на домашно лекување, градоначалникот упати јавна благодарница до министерот за здравство Венко Филипче, до министерот за внатрешни работи Оливер Спасов, и воедно до МВР, ЈЗУ Кавадарци, КАРИЛ, УЦ Мајка Тереза и сите кои помогнале во спасувањето на животите, но и во разрешувањето на случајот.
В.К.