“Војна” да се одложи ТНТ, судот не попушти

by fokus

По два часа увид во предметот ТНТ, Јовица Страшевски, новиот адвокат на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски и другите двајца адвокати назначени по службена должност, пак бараа дополнително време да го разгледаат предметот и побараа одложување на рочиштето или за неколку часа или за друг ден.

Само што влезе судечкиот совет на чело со судијата Огнен Ставрев,Страшевски се пожали дека немал време да го разгледа предметот кој имал околу 20.000 страници и други докази.

-Ме ставате во подредена положба. Вие две години го водите предметот, не сте го завршиле, јас за два саати не можам да го средам, рече Страшевски.

– Вие доброволно сте прифатиле да го браните Трајковски. Трајковски во текот на процесот има поставено преку 500 прашања, рече судијата Ставрев.

Обвинителот во овој случај, Бурим Рустеми побара судот да не ги дозволи опструкциите.

-Целта е да се одолговлекува постапката,адвокатот станува дел од групата која намерно ги повредува правата на оштетените, рече Рустеми.

За цело време обвинетиот Трајковски стануваше и викаше дека му е ускратено правото на одбрана.

-Една година и седум месеци со мене овде војувате, му порача Ставрев на Трајковски. Тој го смени на крајот од процесот својот адвокат кој сега тврди дека  не е спремен, додека двајца адвокати кои бранат тројца обвинети, Мерџан Даути и Дончо Наков иако ги казнија, пак не дојдоа на денешното рочиште.

Судот и покрај сите овие опструкции, продолжи со процесот и своја одбрана за незаконското уривање на Космос дава поранешниот министер, Миле Јанакиески.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости