Собранието попладнево, со 110 гласови „За“, ниту еден „против“ и „воздржан“, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината.
Согласно измените, рокот за вадење нови возачки со ознаката „Република Северна Македонија“ наместо до вечерва на полноќ, се продолжува до 31 декември 2024.
Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.
Како што истакна истакна координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски, образложувајќи ги предложените измени, целта е изнаоѓање брзо решение во интерес на граѓаните и нивно ослободување од дополнителниот притисок околу вадењето на личните документи.
„Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека согласно Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, усвоен на денешната седница на Собранието на Република Северна Македонија, возачките дозволи и возачките книшки со името Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен на возачката дозвола, најдоцна до 31 декември 2024 година“ – соопштија предмалку од МВР.