Вооружените лица го напуштиле манастирот Бањска, соопшти Рашко-призренската епархија

by Fokus

Рашко-призренската епархија ја информира јавноста дека состојбата во Бањскиот манастир во моментов е мирна, иако поради денешните случувања се уште се чувствува страв и во околината и во самата манастирска капија. Вооружените лица кои денеска ја пробија капијата го напуштија манастирот, а во моментов е забележано присуство на косовската полиција пред влезната капија и во дворот на манастирот.

-Во конакот на манастирот се уште е игуменот со браќата, како и група поклоници од Нови Сад, меѓу кои има и две малолетни деца. Од управата на манастирот известуваат дека засега сите се добро, дека редовно се одржуваат богослужби во параклисот на манастирот, со надеж дека оваа драма ќе заврши што поскоро, се наведува во соопштението.

Еден косовски полицаец е убиен синоќа, а друг е ранет во престрелка во селото Бањска, соопшти утрово косовската полиција. Тие потоа објавија дека тројца од напаѓачи биле убиени во размената на оган што повремено продолжила во текот на денот.

Од утрово затворени се административните премини Јариње и Брњак во правец на Косово и Метохија. Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција изјави дека станува збор за униформирани напаѓачи со тешко оружје, а од епархијата Рашко Призренска соопштија дека станува збор за униформирани и маскирани напаѓачи во дворот на манастирот Бањска.

Поврзани новости