Вонредна состојба во хрватскиот град Карловац по излевање на реките Купа и Корана

by Fokus

Обилните врнежи значително ги зголемија водостоите на реките Купа и Корана во Карловац во Хрватска, каде е прогласена вонредна состојба. Критично е и во областа Хрватска Костајница, а се очекува доаѓање на воден бран.

Ноќеска во еден часот по полноќ е прогласена вонредна состојба за реката Корана во Карловац. Денес во 9 часот во Карловац водостоите на Корана и Купа се измерени на 831 сантиметар.

Градоначалникот Дамир Мандиќ за новинската агенција „Хина“ изјави дека во тек е состанок на Штабот за цивилна заштита.

Критично е и во областа Хрватска Костајница, а Костајница е загрозена и од подземните води и од реката Уна од Босна и Херцеговина.

„Нивото на водата на реката Уна е 486 сантиметри. Она што нè засега се обилните врнежи. Сите сили се на терен. Работеа цела ноќ, а пумпите не престанаа. Досега успеваме да одржиме разлика од 40 сантиметри во нивото на водата во споредба со реката Уна“, изјави Далибор Бишќан, градоначалникот на Хрватска Костајница, за хрватските медиуми.

Тој додаде дека се очекува воден бран од Босна и Херцеговина. Се надеваат дека ќе можат да се одбранат, со минимална штета. Бишќан рече дека се вложени огромни напори во подготовката и одбраната од поплавата, па затоа не треба да има евакуација.

Тој предупреди на опасноста од подземните води на кои никој не може да влијае.

Поврзани новости