Од Управата за извршување на санкции информираат дека ќе направат вонреден надзор во затворот во Струга, откако денеска во Кривичниот суд не беше спроведен Сашо Мијалков на рочиштето за „Титаник 2“.
-Во врска со постапката за спроведување на Сашо Мијалков од КПД Струга на повторено судење за случајот ,,Титаник 2” ве информираме дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба. Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана, информираат од Управата за извршување на санкции.
Како што веќе објавивме, пак директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќуља, појаснува дека судот направил техничка грешка и наместо за денес, наредбата за спровод на Мијалков била за 12 декември. Како што појаснува, токму затоа и Мијалков не бил спроведен, бидејќи за денеска воопшто не примиле наредба за спровод.