ЦГК: Владата и институциите не спроведуваат речиси никакви „зелени“ набавки

by Фокус

Иако Владата во последните години презеде чекори во насока на примена на „зелените“ јавни набавки во земјава, сепак, таа и нејзините институции главно не ги почитуваат препораките и заклучоците донесени на владините седници кои токму преку јавните набавки треба позитивно да влијаат врз животната средина.

Ова е еден од клучните наоди во извештајот од анализите на јавните набавки поврзани со заштитата на животната средина за детектирање на ризиците од корупција што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации.

„Во земјава речиси не постојат т.н. зелени или одржливи набавки, иако поминаа повеќе од три години од примената на новиот Закон за јавните набавки (усогласен со последните директиви на ЕУ), којшто сугерира да се води сметка за влијанието на набавките врз животната средина“, стои во извештајот.

Еден од клучните наоди во извештајот, кој ги анализира јавните набавки во периодот од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022 година, е тоа дека иако Владата во 2019 година одлучи да се набавува вода во стаклени наместо во пластични шишиња, сепак, во пракса околу 90 проценти од водата што се купува и натаму е во пластични шишиња.

Воедно, се додава дека годишната набавка на вода е околу 1,3 милион литри вода, во вкупна вредност од околу 460.000 евра.

„Обработката и анализата на сите податоци преземени од електронскиот систем за јавни набавки укажува дека многу малку институции ја почитуваат одлуката на Владата да не се набавува вода во пластична амбалажа. Во периодот од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022 година, спроведени се 43 тендери за набавка на вода за пиење.

Во 32 тендери е набавувана вода во пластична амбалажа, во девет е набавувана и во пластична и во стаклена, додека во две постапки (на Министерство за одбрана и на Управата за јавни приходи) е набавувана само вода во стаклена амбалажа“, се посочува во извештајот.

Понатаму, во извештајот објавен од ЦГК се наведува дека Владата во 2021 година донесе заклучок за набавка на „еколошки возила“ и им препорача на институциите во следните набавки на возила, дел од нив да бидат електрични, хибридни или возила што загадуваат помалку.

Но, како што се додава, неполн месец по донесувањето на заклучокот, Владата преку СОЗР набави 45 возила на оперативен лизинг на погонско гориво дизел, без ниту едно барање во тендерската документација и техничката спецификација кое се однесува на заштита на животната средина.

Поврзани новости