„Војводата“ Тачи одбележа 3 децении политичка активност

by Фокус

Демократската партија на Албанците во Тетово организираше настан со цел да се одбележат 30 години политичка активност на партискиот претседател Мендух Тачи.

Од партијата соопштија дека Тачи одржал пригодно обраќање со резиме на својот политички ангажман започнат во 1993 година.

„Неговиот политички ангажман започна во 1993 година, како потреба кога мораше дефинитивно да се смени политичкиот курс на лидерите на тогашната најзначајна албанска партија, бидејќи тогашните политички случувања не беа во корист на интересот на албанскиот народ“, се вели во соопштението од ДПА.

На настанот пригодни обраќања имаа професорот и поранешен тетовски градоначалник Сади Беџети, како и познатиот колумнист и новинар Батон Хаџиу.

Поставена била и изложба со 30 фотографии кои означуваат некои од најважните моменти од политичките процеси низ кои поминал Тачи.

Инаку, ДПА под негово водство стана дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски од 2006 до 2008 година, кога водеше жестока битка против ДУИ во албанскиот камп. Од тоа време е позната неговата порака до албанските гласачи дека ги чека изборна касапаана.

Иако беше омилен албански партнер на ВМРО-ДПМНЕ, чии членови го ословуваа „војводо“ на партиски настан во Штип, Груевски по изборите во 2008 година почна да соработува со ДУИ.

По изборите во 2016 година, ДПА е маргинална партија и еден од помалите партнери во владата на СДСМ и ДУИ.

Поврзани новости