Поранешни војници со наполнети 45 години обвинуваат дека се изманипулирани од страна на Министерството за одбрана, и дека иако им било ветено прераспределување во други институции со повисока плата и бенефиции, тие, како што тврдат, останале на недостоинствени позиции со минимална плата.
Марковски Петко, поранешен војник со наполнети 45 години денеска изјави дека минатата година, во јануари, им било ветено од страна на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и секретарот Драган Николиќ дека ќе бидат прераспределени во пожарна, затворска, судска полиција или други институции со повисока плата и бенефиции, но тоа не се случило.
-Излажани сме и изманипулирани ние постарите војници од генерација ’75 година. Ни дадовте епитет дека претходниот прес беше политички. Да ве потсетиме истите луѓе протестиравме и кога бевте во опозиција. Министерке, ние знаеме дека има слободни места во сите градови за да се реши нашиот статус, но, на наши места се вработуваат други лица, додека ние војнциите остануваме извисени, рече Марковски.
Тој порача дека доколку не се реши во најбрзо време нивниот статус, ќе бидат приморани да продолжат со протест.
-Дали министерке по партиски клуч се вработуваат дел од луѓето како цивилни лица во АРМ и на други позиции. И покрај се што ни беше понудено да прифатиме од наша страна, останавме на минимална плата и на недостоинствени работни места. Ако вие не го решите нашиот проблемот во најкус рок ние ќе бидеме приморани да продолжиме со протест се до наше решавање, изјави Марковски.
Државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ пак порачува дека ниту еден професионален војник со наполнети 45 години нема да остане незгрижен, а неговиот статус нерешен.
Тој потсети дека дека на 1 февруари 2021 година беше објавен проектот за решавањето на професионалните војници.
-Отвораме нови можности преку пополнување на противпожарната територијална единица низ целата држава. Тој проект продолжува и годинава и ве уверувам дека ниту еден професионален војник со наполнети 45 години нема да остане незгрижен и нерешен во неговиот статус во однос на втората кариера, рече Николиќ.
Потсети и на законските измени кои се во завршна фаза во Собранието и додаде оти се отвора нова можност за решавање на статусот на професионалните војници преку изборот што ќе го имаат сами, а тоа е околу отпремнината и продолжување на нивната втора кариера во органите на државна упарава и органите на локална самоуправа.
-Апелирам Собранието час поскоро да ги изгласа овие законски измени и со тоа да им се овозможи на професионалните војници да можат да имаат и дополнителна опција, изјави Николиќ.