Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост дека војната во Украина би можела да ја влоши пандемијата со корона вирусот, па оттаму настојува да стори повеќе за ограничување на ширењето на болеста.
Бројот на евидентирани случаи во регионот е помал споредбено со претходната седмица, но ризик од развој на тешки форми на болеста со смртен исход постои, особено поради ниската стапка на вакцинираност во Украина,. Иста е ситуацијата и кај двата милиони бегалци кои поради воените дејствија преминаа во соседните држави.
Во Молдавија каде има многу од бегалците стапката на ваквцинираност на населението е 29 проценти, додека во Украина 34. Во Украина и во соседните држави од 3 до 9 овој месец се регистрирани 791.021 нов случај на Ковид-19, како и 8.012 смртни случаи како последица на инфекцијата, се наведува во последниот извештај на СЗО објавен синоќа.
„Ние како организација разбираме дека земјите се наоѓаат во незавидна ситуација и дека се соочуваат со најразлични предизвици во воената криза. За жал вирусот ќе ја искористи можноста да се шири“, изјави Марија Ван Керкове, технички раководител за Ковид-19 при СЗО.