Светот што го познаваме ни се губи под нозе, по две години ковид и сите придружни последици, уште војна од овие размери ни фалеше
Пишува Јанаки МИТРОВСКИ
Војната ќе заврши, а лидерите ќе се ракуваат. Но, ќе остане една исцрпена мајка што копнее по својот син. И онаа жена која го чека својот сакан сопруг. И оние деца што го бараат својот татко херој. Не знам кој ја продаде татковината. Но, знам кој ја плати цената. Махмуд Дарвиш.
Русија ја почна долгоочекуваната офанзива на Украина. Само два дена подоцна, руските вооружени сили се наоѓаат во предградијата на Киев. Реки бегалци се движат кон западот, додека украинската армија се распаѓа. Се проценува дека Киев ќе падне за неколку дена. Но, и покрај охрабрувачките пораки од НАТО и Западот, Украина е оставена сама на себе да се бори со руската мечка.
ДВА ТАБОРА
Ние сме познати како сеирџиска и навивачка држава, па веднаш се појавија два табора – едни за Русите, други за Украинците, односно Западот и Американците. Дури и македонски пратеници ширеа поезии, хушкајќи за војна. И како возрасен човек, очекувам да бидат пример и да се пријават доброволци за мајка Русија. Во спротивно, затнете ги муцките кога веќе немате што паметно да кажете во ова време-невреме.
Логично и издржано е да се наметне и Косово како сличен преседан. Мимо емоциите, Косово не прогласи независност легално, туку на мускули. Единствениот легален начин на сецесија е тоа да го дозволи државата мајка, во случаиве Србија и Украина, што никогаш нема да се случи. Последна таква легална сецесија е на Јужен Судан, кои во 2011 година се здобија со независност од Судан и е најмладата суверена меѓународно признаена држава.
Тоа што косовската независност е нелегална, не значи дека треба да се поддржува состојбата во Украина, а на лицемерието на Западот треба константно да се посочува. Ги нахушкаа Украинците, им пратија нешто оружје, и кога згусна, ги оставија сами на себе. Исто како со Грузија. Но, оваа војна, дури и да не се разгори, ќе има сериозни економски последици. Доаѓа сред пандемија, со економија во нокдаун, а цени во вис, кои, пак, допрва ќе растат, а на што нашата потрошувачка кошничка не е подготвена.
БАЛТИКОТ И БАЛКАНОТ
Во никој случај не можам да ја поздравам одлуката на Русија. Casus belli-то им е дубиозен, а со него се напаѓа земја од педесет милиони жители. Петнаесет до дваесет проценти се Руси, но нивните права можат многу поедноставно да се издејствуваат. Русија се чувствува загрозено од сите страни, а загрозената мечка е најопасна. Балтикот и Балканот стравуваат дали следна мета на агресија ќе бидат токму овие локации БиБ.
Додиќ уште пред војнава си најави дека на помош за независност на Република Српска ќе ги вика Русите, кои нема да испуштат можност да се вратат на Балканот по децениското отсуство. Светот што го познаваме ни се губи под нозете, по две години ковид и сите придружни последици, уште војна од овие размери ни фалеше. Војната e девојка која нема милост ниту за еден свој љубовник.