Рускиот државен телевизиски канал Раша тудеј го суспендираше водителот Антон Красовски, откако тој во етерот предложи дека украинските деца во 1980-тите кои ги гледале руските сили како окупатори требало да бидат „удавени“.
Во понеделникот, главната уредничка на RT, Маргарита Симонјан, ги осуди коментарите на Красовски во објава на Телеграм, велејќи дека тие се „диви и одвратни“.
-Засега, ја прекинувам нашата соработка, бидејќи ниту јас, ниту остатокот од тимот на РТ не можеме да си дозволиме ниту да помислиме дека некој од нас е способен да сподели такви луди идеи – рече Симонјан.
Красовски е коментатор кој води сопствена емисија на РТ. Тој ги даде коментарите во емитување минатиот четврток, откако авторот Сергеј Лукјаненко рече дека, при посетата на Украина во 1980-тите, децата му рекле: „Украина е окупирана од московјаните“.
Красовски одговори: „Овие деца требаше да се удават во реката Тисина“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба се огласи на Твитер за да повика на забрана на RT во целиот свет, велејќи дека коментарите се еднакви на „агресивно поттикнување геноцид“.
Красовски подоцна се извини за своите коментари на Телеграм, велејќи дека „навистина бил засрамен“ и „не ја видел линијата“.
-Се случува, во етерот си, се занесуваш. Им се извинувам на сите што беа запрепастени од ова. Се извинувам на Маргарита, на сите на кои ова им изгледаше диво, незамисливо и несовладливо. Се надевам дека ќе ми простите – рече тој.