Масовниот протест против владините антиковид мерки во Брисел денеска стана насилен откако демонстрантите се судрија со полицијата, а таа одговори со солзавец и водени топови.
Илјадници луѓе се собраа околу 11 часот претпладнево и тргнаа на „Прошетка за слобода“, како што беше наречен протестот. Според првичните проценки на полицијата, на улиците има десетици илјади луѓе, додека организаторите велат дека има повеќе од сто илјади.
Демонстрантите тврдат дека „ја бранат демократијата, човековите права и правото на устав“. Ова е петти протест против мерките во последните два месеци, а претходните четири ги одбележаа насилство и судири со полицијата.
Луѓето на протестот, кој беше многу помасовен од претходните слични собири, носеа натписи против премиерот Александар Де Кро и ковид потврдите, пренесува Франс прес.