Водач во планина Додевски: Угриновски е ноторен лажго и манипулатор!

by fokus

Антонио Додевски, водач во планина, реагира на изјавите на претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Јовица Угриновски, кој во вечерашното гостување на телевизија 24 зборуваше за несреќата во која загинаа планинарите Калина и Александар.

Реакцијата на Додевски ја пренесуваме во целост:

„Вечерва на тв 24, претседателот на ФПСМ се претстави во своето вистинско светло како ноторен лажго и манипулатор! Имено, сакајќи да се прикаже себеси како иницијатор за воведување на одредени безбедносни критериуми и во обид да ја релативизира личната одговорност за хаосот кој владее во планинарството, тој истакна неколку невистини, од кои најголемата е дека ЦСО (центарот за стручно оспособување) е формиран пред 3-4 години, алудирајќи и дека тој бил иницијатор за истото.

Дека ова не е вистина, сведочат факсимилите во прилог, на кои може да се види дека ЦСО постои од 2003 година, а иницијатори за формирање на истото, беа алпинистите, кои во тој период беа дел од ФПСМ и претставуваа главен стожер на обуките за алпинизам и планинарство.

Вистината е дека, на криминален начин, во 2014 година, на нелегално собрание (согласно со актуелниот Статут) истите алпинисти и Алпинистичките клубови беа насилно протерани од ФПСМ, бидејќи остро се спротивставуваа на хаосот кој уште тогаш се наговествуваше.

По овој 26.04.2014 година, хаосот во ФПСМ од ден во ден станува се поголем, а резултатот од тоа е далеку од очигледен, дури и за неупатените. Денес во ФПСМ се потикнуваат клубови и поединци да практикуваат алпинистички техники и да организираат туристички патувања, за што немаат ниту соодветни компетенции, ниту законско право. Резултатот од ваквиот однос се серија несреќи кои се случија во минатите 2-3 години, при што беа изгубени млади животи во банални ситуации.

Вистината е една и секое нејзино релативизирање, е вовед во нова и поголема несреќа од претходната. За жал, во планинарството тоа се случува секојдневно од 2014 година, наваму. Жалам за изгубените животи, но и за младите позитивни и квалитетни планинари кои секојдневно се жртви на манипулациите од раководството на ФПСМ.

И за крај, Претседателе на ФПСМ, одговорот на Вашето последно прашање на тв 24 (иако Вие требаше да дадете одговори, а не да поставувате прашања), е ДА! Несреќата можеше да се спречи, но многу порано, кога на сега веќе покојните планинари ќе им се овозможеше квалитетна обука и реално оценување на нивните компетенции, наспроти паушалното прогласување за “многу искусни”. За тоа е одговорен ситемот со кој Вие управувате.

 

Поврзани новости