По минатогодишниот привремен прекин поради пандемијата со Ковид-19, годинава продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води, во организација на Скопската православна епархија при МПЦ-ОА. Бројот на луѓе кои ќе може да влезат во водите е ограничен.
Согласно мерките и препораките, во Вардар ќе влезат околу 10 лица кои претходно имале учествувано, односно лица кои се физички подготвени.
Одбележувањето на празникот почна со Златустова литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица од 9 часот, со која богослужеше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по што во 11 часот литијата од храмот се упати до мостот „Слобода”.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.