САД со 200 милони долари ја помага Украина поради можен напад од Русија

by Fokus

Додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во посета на Украина, администрацијата на претседателот Џо Бајден денеска соопшти дека обезбедува дополнителни 200 милиони долари воена помош за земјата поради зголемените стравувања од руска инвазија, пренесува АП.

Висок претставник на американскиот Стејт департмент рече дека помошта била одобрена кон крајот на декември, како дел од напорите на САД да ѝ помогнат на Украина да се заштити.

Сепак, американската администрација до денеска одбиваше да коментира. Службеникот, кој не беше овластен за јавни изјави пред состаноците на Блинкен во Киев, зборуваше под услов да остане анонимен.

-Ние сме посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ќе продолжиме да ѝ ја даваме на Украина потребната поддршка, рече функционерот. Тој не ја наведе содржината на пакетот за помош.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Киев на 19 јануари, во знак на поддршка поради зголемените стравувања дека руската инвазија на Украина може да биде неизбежна.

Блинкен ќе разговара со украинскиот претседател Володомир Зеленски во Киев, пред средбите со неговите британски, француски и германски колеги во Берлин.

Тој во петок во Женева ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Русија повеќе пати негираше какви било планови за напад на соседна Украина.

Поврзани новости