Два албански сателити „Албанија 1“ и Албанија 2“ денеска беа лансирани од базата Кејп Канаверал на Флорида како дел од мисијата „Транспортер-6“ на американската компанија Спејс Икс, соопшти албанскиот премиер Еди Рама.
Тој на својот Фејсбук профил истакна дека „Албанија сега има повеќе високотехнолошки способности за контрола, заштита и управување со својата територија, обезбедувајќи витални податоци во реално време за голем број клучни аспекти за одржлив развој“.
Албанските сателити беа ставени во орбитата со ракетата „Фалкон 9“, која е дел од мисијата „Транспортер-6“ и е шеста што во орбитата испорача 114 микросателити и други вселенски летала.
Албанија исклучиво ќе ги користи сателитите за обработка на геопросторни информации (ГИС), како и за обезбедување производи за сликање и други компоненти, наведува „Албенијан пост“.
Меѓу другото, два сателита ќе им бидат ставени на располагање на институциите кои вршат задачи поврзани со територија, вода, шуми, пожари, урбан отпад или земјоделско производство.