Во двете кризни години, државните институции купиле 142 нови возила за кои платиле 3,6 милиони евра. Најскапото возило чинело 47.000 евра.
Најмногу се купени возила од марката „Шкода“. На 83 % од тендерите имало само по една понуда. Повеќе од 40 % од набавените возила се поскапи од 30 илјади евра.
Според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, во текот на кризниот период од март 2020 наваму, нови патнички возила набавиле 42 државни институции. Набавени се вкупно 142 патнички возила за 3 милиони и 609 илјади евра. Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.
Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните „Пасати“ ги замени со 45 нови „Шкода Суперб Амбишн“.
Како и претходните години, така и во последните две, следен според број на набавени нови возила е Државниот пазарен инспекторат кој купил 11 „Цитроен Ц3“ и 10 „Фиат Типо“, или вкупно 21 ново возило.
На трето место, со шест нови хибридни возила „Хјундаи Ајоник“ е Агенцијата за електронски комуникации.
Повеќе од 40 % од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најскапи три купени возила се „Шкода Суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „Мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра – и двете на Државата видеолотарија, а на трето место е „Хјундаи Сонада“ на Агенцијата за електронски комуникации по цена од 43 илјади евра.
Меѓу марките возила, се чини дека и натаму омилена марка на функционерите е „Шкода“ која со 60 возила води на листата како и претходните години. Долгогодишното второ место на „Фолксваген“ му го презема „Фиат“ од кој се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „Ситроен“.
Од поединечните модели најзастапен е „Шкода Суперб“ од кој се набавени 48 возила, од „Фиат“ води моделот „Типо“ од кој се набавени 15 возила, а од Ситроен моделот „Ц3“ од кои се купени 12 возила.
Меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“ со скоро 2 милиони евра, „МИ-ДА Гранд Моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра. Кумановската „Делукс-ауто“ падна од второ на четврто место со 168 илјади евра.
Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа односно дури на 83 % од тендерите имало само по една понуда.