Се самоуби 38-годишниот маж, попладнево во неговиот стан во Велес на улица „Андон Шурков”, кој утрово тешко ја повреди својата 25-годишна невенчана сопруга, која се бори за нејзиниот живот во Клинички во Скопје. Информацијата за МИА вечерва ја потврди Ристе Самарџиев портпарол на СВР Велес, кој рече дека утре ќе се произнесе со дополнителни информации околу денешниот случај и за тоа дали повредата и била нанесена со огнено оружје.
Портпарол на СВР Велес претходно информираше дека утрово во 07:47 часот во СВР Велес, од Итна медицинска помош Велес било пријавено дека кај нив била донесена 25–годишна жена со повреди на телото нанесени од нејзиниот невенчан сопруг и дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Општата болница Велес, како што информира за МИА д-р Елена Левкова Ќулумова, 25 годишната М.Р. во болница била донесена со Итна помош во 08:30 часот.
Таа ни потврди дека жената била донесена во тешка состојба со прострелна рана во долниот дел на стомакот. По направените лабораториски испитувања, а поради тежината на повредата во тешка животозагрозувачка состојба била препратена во Ургентниот центар на скопските клиники, каде се бори за својот живот