На седница на Владата одржана на 26 мај била донесена одлука да се разрешат тројца членови на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. Решението на Владата е објавено во Службен весник, па од членови на Комисијата се разрешени Донка Барџиева – Трајковска, Елеонора Новаковска и Сашо Коруновски, а на нивно место се именувани Јулија Тричковска, Горан Патчев и Ана Петровска.
-Одличен потег на владата!Во услови на епидемија мора да се отстранат сите кои на било каков начин можат да ја загрозат!, напиша Барџиева – Трајковска на својот Фејсбук профил споделувајќи го решението на Владата.
Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е именувана во јануари 2018 година. Членовите на Комисијата ги именува Владата на предлог на надлежните министерства и другите институции кои по било кој основ имаат права и интереси во управувањето со светското природно и културно наследство на охридскиот регион.
Од Владата „Фокус“ објаснуваат дека Новаковска и Коруновски повеќе не биле членови на институциите и телата од кои биле номинирани во Комисијата, додека за Барџиева-Трајковска била член на Координативното тело за реформите во културата и во заштитата на културното наследство.
-За членовите од претходниот состав на Комисијата можеме да Ве информираме дека Елеонора Новаковска беше номинирана како директор на НУ Музеј и Завод-Охрид, и дека таа повеќе не е директор ниту вработена во оваа установа. Сашо Коруновски беше номиниран како член на Националната комисија на УНЕСКО, каде што повеќе не е член.
Донка Барџиева-Трајковска во изминативе години учествуваше во повеќе работни групи за заштита на културното наследство при Министерството за култура. Барџиева-Трајковска е член на Координативното тело за следење на процесот за реализација и имплементација на реформите во културата и во заштитата на културното наследство. Ова советодавно тело има активно учество и дава придонес во креирањето на културните политики и во решавањето на најсложените проблеми кои се јавуваат во културата и во заштитата на културното наследство.
Барџиева-Трајковска со своето знаење и искуство преку активностите во овие работни групи и особено со ангажманот во Координативното тело дава огромен придонес за унапредување на состојбата во заштитата на културното наследство во земјава. Придонесот и влогот на тројцата експерти од претходниот состав на Комисијата е од големо значење за културата и заштита, особено нивните искуства кои беа имплементирани во управувањето со Охридскиот регион.
Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија се насочени кон остварување континуитет и нови резултати од постоечките работни групи. Во исто време, Ве информираме дека и новите членови на Комисијата кои се докажани експерти во областа на заштитата на природното културното наследство, на новиот ангажман пристапуваат со особено внимание и фокус, особено сега кога повредите во Охридскиот Регион повторно стануваат реалност, и се зголемува обемот на работа, велат од Владата.
Разрешувањето на членовите доаѓа во услови кога изминаа роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охрид, а локалната и централната власт не може да се справат до дивоградбите кои никнуваат во овој регион.
Ф.Ф.С.