Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека денеска е постигнат договор за десет хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од опколените украински градови.
Во телевизиско обраќање, Верешчук кажа дека цивилите кои се обидуваат да го напуштат Мариупол, пристанишниот град во јужна Украина, ќе мора да го сторат тоа со приватни возила, бидејќи руските воени сили не дозволуваат автобуси да минуваат низ контролните пунктови на пат кон него.
Британските медиуми додаваат дека оваа информација засега не може да се потврди од независни извори.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат дека не успеваат да ги евакуираат цивилите од опколените градови.
Најлоша е ситуацијата во Мариупол, кој Русите го уништија целосно во едномесечното гранатирање, а населението се крие по подруми и скривници, без храна, лекови или друг вид помош.