На јавни аукции коишто ќе се оддржат на 30 септември годинава ќе се продаваат три државни парцели кај Спортско-рекреативниот центар – Кале, објави денеска Министерството за транспорт и врски. Според огласот, на едната парцела ќе може да се гради објект за деловни простории, додека на другите две хотелски комплекси.
Почетна цена на електронското јавно наддавање за градежната парцела каде може да се гради објект со деловни простории, изнесува 6.000 денари по квадрат, додека почетната цена за парцелите наменети за хотел е 61 денар или околу евро по метар квадрат. Наддавањето ќе се врши во чекори, односно за првата парцела секој чекор треба да изнесува најмалку 600 денари, додека за другите две чекорот не смее да биде помал од 10 денари.
Објектот кој има намена за деловни простории треба да биде висок 25 метра со подрум, шест ката и поткровје, а истите карактеристики ги имаат и хотелските комплекси.
Според огласот најповолните понудувачи се должни фасадното обликување на објектите да го изработат во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Пред издавање на одобрение за градење, потребно е Комисија формирана од страна на Министерот за транспорт и врски да ја одобри фазата архитектура од основниот проект.
Деталниот урбанистички план за овој реон е донесен во декември 2012 година.