Ланч барот „Тренд“ е затворен поради користење на нефискализирани апарати и издавање на „компјутерски“ сметки, поради што е му е изречена глоба во износ од 4.550 евра, соопштуваат од Управата за јавни приходи. Од таму реагираат на написите во одредени медиуми и демантираат дека објектот е затворен поради тоа што на шеќерчињата имало лого од Општина Аеродром.
„Информираме дека поради утврдени неправилности во деловниот објект, односно констатирано нерегистрирање на готовинскиот промет и издавање сметки од паралелен компјутерски систем кој не е поврзан со ГПРС системот на УЈП, донесено е времено решение со кое на даночниот обврзник му се забранува вршење на дејност во деловната просторија во траење од 15 дена, и изречена е глоба од 4.550 евра за сторен прекршок согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања“, велат од УЈП.
Од таму потсетуваат дека низ целата држава се спроведува засилен мониторинг и дека во меѓувреме биле затворени и други познати угостителски објекти.
„Дополнително на предупредувањата, пред два месеци беше најавен засилениот мониторинг на готовинскиот промет и контролите од страна на Управата за јавни приходи. На таа прес конференција меѓуостанатото се укажа дека употребата на апарати кои не се фискализирани е кршење на Законот за регистрирање на готовински плаќања“, додаваат од таму.