Во Тиквешко поставуваат стапици за дивеч, се фаќаат луѓе

by fokus

Несовесни граѓани поставуваат примки за да фатат дивеч во Тиквешко, но на нив се фаќаат и луѓе. Оваа информација за МИА ја потврди Тоде Пановски, секретар во Ловечкото друштво „Тиквеш“ од Кавадарци.

-Имаме такви сознанија од ловџиите на терен. Несовесните, најмногу ги ставаат примките за да уловат диви свињи. Но, знае да се фати и стока како говедо, на пример. Се случува да се фатат ловџиски кучиња, но и луѓе. Едноставно ќе поминат, нема да ги видат примките што се поставени и покриени, ќе ги повлечат и ќе се заплеткаат во нив. Значи, може да се фати срна, кое било диво животно, па и мечка, нагласи Пановски.

Тој појасни дека несовесните поставуваат примки, според терк, од понеделник до петок. А ги вадат во сабота и недела, кога на терен се ловџиите и има раздвиженост. За да нема проблеми и во примките да не се фаќаат ловџиските кучиња, да не бидат и самите примкари фатени на самото место. Такви се, рече, нивните сознанија во врска со оваа тема.

Примките за диви свињи се прават од сајла, со која се влечат возила. За зајаци, од потенката што се користи за кочење кај велосипеди. И во едниот и во другиот случај, примките се прават како бесилки.

-Ги имаме чекано, но тешка работа е да фатиш примкар. А примкарењето е најстрого забрането, дециден беше мојот соговорник, додека го фотографирав со примки пронајдени при акција на терен.

Најмногу примки пронаоѓаат во ловиштата за крупен дивеч во Мрежичко и Куманичево. Второто, ловиштето број два, го опфаќа куманичевскиот, бојанчишкиот и драгожелскиот дел. Примкарењето е најмасовно во атарот на Драгожел.

-Секое лице кое ќе биде фатено да мести примка, казната со која се соочува е од 1.500 до три илјади евра. На самотот место имаме откриено многу примки, но примкар засега не сме успеале да фатиме на терен. Имаме сомневање за поединци, но не сме успеале да ги фатиме како поставуваат примки, нагласи Пановски.

Поврзани новости