Во Тиквешијата продолжува да се вози под дејство на алкохол

by fokus

Практиката да се вози под дејство на алкохол во Тиквешијата никако да се искорени и очигледно казните и предупредувањата немаат видливи ефекти. Минатата ноќ, од полноќ, па се до пет часот наутро, според СВР Велес, во Неготино биле вршени контроли од страна на полициски службеници, кои регистрирале голем број на прекршоци.

Од 40 контролирани возачи, дури 12 возеле под дејство на алкохол. И во Кавадарци сликата не била ништо подобра. Од контролирани 16 возачи, пет возеле под дејство на алкохол.

-Вкупно 117 возачи беа контролирани дали возат под дејство на алкохол, и тоа на територијата на Велес, Неготино и Кавадарци. Во рок од пет часа беа регистрирани 25 прекршоци – информираат од Секторот за внатрешни работи Велес.

Пред четири месеци при акција на МВР во Кавадарци сите возачи кои биле запрени во близина на дискотека биле под дејство на алкохол. Тогаш и на седница на Советот во Кавадарци се разговараше за проблемот. Се апелираше полицијата да се ангажира повеќе и да прави зачестени контроли.

Според статистиката на СВР Велес, лани од 713 контролирани возачи во Неготино дури 227 возеле под дејство на алкохол. Во Кавадарци пак, од 1.494 проверени, под дејство на алкохол возеле 248 лица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости