Дескоска: Интересите на државата да бидат пред личните интереси на осомничените од СЈО!

by fokus

Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека законот за јавното обвинителство е пофален од меѓународната заедница и дека очекува сите политички партии во парламентот да ги стават како приоритетни интересите на државата, пред личните интереси.

-Нашата обврска од аспект на подготовка на квалитетен закон е завршена. Очекувам сите политички партии, кои што се во парламентот и сите пратенички групи да ги стават како приоритетни интересите на нашата држава за евроинтеграција, пред личните интереси на лица за кои што се водат постапки од страна на СЈО, изјави Дескоска.

Прашана дали очекува поддршка од ДУИ за Законот за јавно обвинителство, Дескоска рече дека очекува поддршка од сите.

– Очекувам поддршка од сите, не само од тие што се во власта, туку и тие што се во опозиција, бидејќи ова е закон што може да се донесе само со двотретинско мнозинство, истакна Дескоска.

За тоа дали реформите во правосудството се продуктивни, во случај кога нема кривична одговорност од ниту еден судија и обвинител, Дескоска, рече дека сите закони кои се носат во изминатиот период создаваат многу прецизни и јасни основи за воспоставување на одговорност за сите кои ќе бидат прекршители на законот.

– Одговорноста на Министерството за правда е да предложи квалитетна законска рамка, а одговорност на Јавното обвинителство, на судството е да ја спроведат. Очекувам дека сите ќе бидат свесни за својата одговорност и ќе овозможат ефектуирање на законските одредби кои што се носат. Сега имаме јасни одредби за разрешување на судии и очекувам дека Судскиот совет ќе си постапува по новиот закон за судови, изјави Дескоска.

Министерката Дескоска денеска присуствуваше на конференција посветена на функционалноста на АКМИС системот во судовите, во организација на Министерството за правда и амбасадата на САД.

Поврзани новости