Во среда ќе се разгледуваат предложените законите за судови и за Судскиот совет

by fokus

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, на својата втора седница одржана вчера попладне, ги разгледа предложените законски решенија за судовите и за Судскиот совет, соопшти владината прес-служба.

Заменик-министерот за правда Оливер Ристевски, појасни дека веќе в среда, по празниците, пратениците во Собранието на Република Македонија ќе расправаат по предложените измени.

Членовите на Советот во дискусиите акцент ставија на предложените законски одредби кои се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во Предлог законот кои се однесуваат на нивната заштита, а се со цел да се постигне што поголема независност на судството и враќање на дигнитетот на судиите.

Заложбите на членовите на Советот за реформи се во согласност со извештајот на Прибе, а во кој се сугерира судиите да се оценуваат исклучиво врз основа на донесените пресуди.

Членовите на Советот имаа одредени забелешки и за Предлог-законот за Судски совет на Република Македонија.

На седницата на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, присуствуваа и претставници на ОБСЕ кои најавија нивно редовно присуство и поддршка и во наредниот период, информира прес-службата на Владата.

Поврзани новости