Вечерва од 20 часот, во Србија ќе нема јавен превоз на патници, а од утре од 20 часот се затвораат сите кафулиња и шопинг центрите.
Ова се дополнителни мерки кои што ги донесе Владата, а ги соопшти премиерката Ана Брнабиќ.
„Во недела од 20 часот се затвораат сите ресторани, кафулиња и шопинг центри. Ќе има само достава на храна. Од сабота од 20 часот запира јавниот превоз“, истакна Брнабиќ.
Засега во Србија има еден смртен случај, пациентот од Кикинда, кој беше заболен од вирусот Ковид-19, на респиратори се наоѓаат осум лица, кои се борат за живот.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во Србија, во 18 часот, потврдени се уште 17 случаи и вкупниот број на заболени пациенти изнесува 135 лица.
Европската унија итно и додели грант на Србија во износ од 7,5 милиони евра за борба против епидемијата. Договорот за помош го потпишаа денеска шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, амбасадорот Сем Фабрици и министерката за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ.
Во земјата комплетно е укинат меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај, а оставена е можноста за автомобилски сообраќај.
На сила е забрана за излегување на лица постари од 65 години во урбани средини и за лица над 70 години во рурални области.
Исто така, постои забрана за движење за сите меѓу 20 часот и 5 часот наутро.