Во спомен на големиот човек

by lali

JaniЖивееме во најзагадениот град на светот, во држава со најзагадени медиуми, во општество со најзагадени вредности, во политички систем со најзагадени односи. Како тогаш да зборуваме за убави работи, настани и успеси? Како да се бори човек сам против шунд, импровизации, незнаење, лекомисленост? Нѐ убедуваат дека Скопје бил најосветлен, а не најзагаден град. Нѐ уверуваат дека на Баросо и na Јункер им се стресоа гаќите кога преку еден млад антикомунист Николоски, ДПМНЕ им „згрме“ на ЕУ дека Македонија има понуда од Русија. Ни нудат забава со лицето што звучи познато, добро, не баш лицето на Елена и селфијата на Груби. Повторувачите ќе се осветуваат со екстерно тестирање, искомплексираните ни го кројат ноќниот живот, а корумпираните го силуваа нашиот омилен град.

Но, вечерва не сакам да пишувам за нив, никој од нив не заслужува збор повеќе. Затоа замолувам да си реобјавам една колумна за еден голем човек. Го имавме, но го изгубивме. Го изгубивме, но сѐ што е негово уште трае. Трае, зашто сите го чуваме од заборавот, посебно неговите фанови, без разлика на лицемерните односи и злоупотреби на власта.
И во право е мојот, но, пред сѐ, негов пријател од Крушево кога вели: Џабе нѐ потсетувате дека денес е 16 октомври и во помалку од една минута зборувате за Тоше кога нѐ контаминирате секојдневно со разни пинк или гранд-ѕвезди. Како вчера да беше кога ги молев во Собрание (јуни 2010) да не ги кратат за Владата бедни 15.000 евра за споменикот на Тоше.

И не само што ги скратија, за жал во ребалансот во 2012 ја избришаа ставката за спомен-обележје за големиот човек. И за нив не вреди да се зборува, знам утре ќе се сликаат, ќе манипулираат, ама знам дека и не заслужуваат да им се споменува името кога зборуваме за големиот човек Тоше.

19.10.2007

За жал, трагичниот настан од вторникот го потврди она што сите го чувствувавме, дека Тоше е единствениот човек во Македонија кого сите го сакаат, приближно онака како што тој премногу нѐ сакаше сите нас. Човек со единствен глас, неповторлива насмевка, исклучителна хуманост или, како што напиша навивачката група „Комити“ на транспарентот на фудбалскиот натпревар: беше ГОЛЕМ човек.

А, кога нервозно и со надеж оти некоја програма ќе ја демантира веста, го вртите далечинскиот управувач, сфаќате оти Тоше подеднакво го сакале и целиот Балкан, Европа, светот. Сфаќате оти беше најдобар, беше најквалитетен, беше навистина ГОЛЕМ човек. Така мислат сите, и верниците и атеистите, и музикалните и оние без слух, и фановите и оние кои никогаш не го слушале.

Деновиве некои стихови и интервјуа на Тоше премногу индикативно изгледаа, автобиографски, стравотно предупредувачки: „Да можам пак да се разбудам… Уморна приказна… Скинати страници… Празни, неиспишани… Вечно паѓање…Пораз ќе остане…“

Не бе Тоше, ти ќе се будиш секој ден со сите што те сакаат, а тоа е цела Македонија, страниците од твојата приказна се скинати за да ги чуваме до срце, за да ги читаме по стопати, а се полни и изнапишани со стиховите од твоите песни, полни со верба, радост и љубов. Тоше, легенди како тебе не паѓаат, вредностите што ни ги понуди ти траат вечно и се движат само по нагорна линија. Тоше, некни сите изгубивме, но, ако сме паметни, ќе победиме ако ги преземеме твојата насмевка, скромност, добрина, вредност, хуманост. Навистина, Тоше, ти беше ГОЛЕМ човек.

Кога ќе го погледнеме последното интервју на „Вртелешка“, сфаќаме колку ние луѓето сме биле себични, колку нашето задоволство од неговите песни, концерти, сме го чувале само за нас. Сакавме да уживаме во гласот на Тоше. Сакавме да го исцрпуваме до последниот атом, без да нѐ интересира дека Тоше е поставен во машинерија која го уморува, дека ја прескокнал младоста, станал пресериозен за годините, дека Тоше живеел во режим каде што и шопингот по продавници е забранет. Дека Тоше го мачи тоа што не може да зборува за својата љубов, што посакува да ужива со пријателите да вечера надвор и да запее некоја песна, дека играњето одбојка со неговите другари од Крушево е недоволно да се наполнат неговите батерии, кои безмилосно ги празневме сите ние. Сите ние, себично го сакавме само за нас.

За жал, предоцна сфативме колку во суштина бил суров животот на најдобриот, најталентираниот, најобожаваниот. За жал, нас не нѐ интересираше животот на Тоше, не ни пречеше пребрзото трчање низ сопствената младост, не нѐ интересираа неговите отсуства од родителите и најблиските кон кои беше преемотивно приврзан, некои злобници со сласт ги читаа текстовите за дискредитација на неговата личност, се ситеа на злобните наслови. А Тоше брзаше насекаде, единствено сакаше да пее, се трудеше и успеваше да нѐ расположи со својот глас, да ги воодушеви светските музички критичари, трчаше да стигне на секој хуманитарен настап, не гледаше дали е ден или ноќ, не знаеше за одмор, не знаеше за граници. Навистина беше ГОЛЕМ човек.

На Тоше не му требаа формални одлуки за да биде најдобар амбасадор на Македонија, на Тоше не му требаа купени награди за да докаже оти е најдобар глас, на Тоше не му требаа подарени позиции за да сработи многу повеќе за Македонија отколку оние увезени само за сликање квазиексперти. Тоа се одлики на ГОЛЕМ човек.

Ние споменот за Тоше мораме да го чуваме и во нашите срца и околу нас. Свесен сум дека и сите училишта, болници, спортски сали кои ќе го носат неговото име ќе бидат недоволни да се возврати на неговото дело, споменот мораме да го негуваме како што тој не се штедеше да биде секаде, да помогне секому.

Плоштадот Македонија мора да биде едно од местата каде што споменот на Тоше треба да биде видлив, вреден, достоинствен на неговиот лик и дело. Иако и за толку ГОЛЕМ човек и тоа е малку.

Не смееме да дозволиме песната да го одминува Крушево, да ги заборавиме неговите родители, најблиски. Крушево мора да го живее животот како Тоше да е во кафулето „Планет“, како да игра одбојка со соиграчите, или како да се натпреварува со другарите во некои компјутерски игри.

Тоше нѐ сакаше сите, нѐ сплоти сите, наметна вредности кои треба сите да нѐ поттикнуваат и да ги следиме, остави јасни патокази како треба да се однесуваат најдобрите, како се сакаат најблиските, како се подава рака на оние кои им е најпотребна, тоа е најмалку нешто што можеме да го направиме за ГОЛЕМИОТ Тоше.

Горд сум што лично те познавав…

П.С.

Навистина што е тоа во луѓето тажно што сакаат да живеат во животи туѓи и пловат низ нашето минато без да се срамат?

Поврзани новости