Репортери без граници: Со пресудата против Фокус се деградира независното новинарство

by Фокус 21:48
21:48

Доаѓањето на Kристијан Мир, извршниот директор на „Репортери без граници“ од германската канцеларија од Берлин во Скопје, се совпадна со два настани пред кои во моментов е исправена медиумската состојба во земјава – очекувањето на пресудата од Апелација за случајот со новинарот Томислав Кежаровски и казната од 9.300 евра што новинарите од „Фокус“ треба да му ја платат на директорот на УБК Сашо Мијалков.

ФОКУС: Кои се вашите најголеми забелешки во однос на слободата на медиумите во Македонија?

- Advertising -

МИР: Имаме два вида забелешки. Едните се однесуваат на индивидуални случаи. На пример, случајот со Кежаровски е еден индивидуален случај кој раѓа сериозна загриженост. Само затоа што си ја извршувал својата задача тој е уапсен и сега неправосилно осуден. Тука е и случајот со Фокус, каде што јас гледам случај на злоупотреба на Законот за навреда и клевета. Тоа е случај каде што се деградира независното новинарство.

На правно ниво, пак, ја делам загриженоста на Европската комисија во врска со недостигот од транспарентност во поглед на трошењето пари за владини реклами.

ФОКУС: Во извештајот за напредокот на Македонија, Европската комисија не ги спомна овие два случаи…

МИР: Јас бев, условно кажано, среќен што Европската комисија изрази загриженост во однос на слободата на медиумите во својот извештај, но ЕУ не смееше а да не ги спомне случате Кежаровски и Фокус. Во идните извештаи очекуваме ваквите случаи да бидат посебно нагласени, бидејќи критиките мора да бидат поткрепени со конкретни примери кои Македонија реално ги има.

ФОКУС: Сметате ли дека во пресудата против Фокус се крие политичка заднина и притисок од власта врз медиумот или пак станува збор за еден нормален правен случај за навреда и клевета?

МИР: Имаме многу цврст впечаток дека случајот има политички мотив и тоа се совпаѓа со моменталната слика за политизираноста на македонското општество.

ФОКУС: Судот пресуди дека новинарите од Фокус треба да платат отштета затоа што цитирале изјава од поранешниот амбасадор во Чешка, нешто што не било од јавен интерес. Кое е вашето мислење, дали изјава дадена од поранешен амбасадор е од јавен интерес?

МИР: Слободно кажувам дека да, таков вид изјава е од јавен интерес. Таква е и европската практика.

ФОКУС: Кои се наредните чекори кои треба да се преземат за да се подигне нивото на слобода на медиуми во Македонија?

МИР: Сметам дека жалбата на Кежаровски треба да биде прифатена и тој да биде ослободен од домашен притвор без никакво кривично гонење, бидејќи тој само си ја вршел својата работа. Освен тоа, власта мора да стане потранспарентна во однос на владините реклами. Очекувам да биде направен јавен регистер каде што точно ќе бидат претставени средствата што власта ги троши на реклами, бидејќи од таму почнува и сомнежот за влијанијата на Владата врз медиумите.

 

Поврзани новости