За денеска претпладне е закажана собраниската седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на законите за основно и средно образование. Тоа се воедно и првите два законски текста на кои ќе работи новиот собраниски состав, а Владата предлага да се донесат по скратена постапка.
Измените и дополнувањата на овие два закони со кои се регулира задолжителното образование во земјава, се поттикнати од ковид-кризата поради која последните месеци од претходната учебна година основците и средношколците ги минаа во импровизирано онлајн учење. Бидејќи тој систем принудно беше воведен поради избивањето на пандемијата, за оваа година, која започнува со еден месец задоцнување, се работи на единствена национална платформа за онлајн-настава која ќе биде унифицирана за сите училишта и ќе биде промовирана наскоро.
Според предложените измени, во вакви услови учебната година може да започне и да заврши и во време различно од она што е законски предвидено (180 наставни денови), односно не помалку од 100 наставни денови, за што одлучува Владата, и таа одлука може да биде за целата територија на државата или на нејзин дел. Исто така во вакви услови се спроведува и скратен час.
За тоа дали наставата ќе биде прекината одлучува Владата која го определува начинот на кој ќе се изведува таа, според скратени наставни програми, но само во вонредни околности.
Измените и дополнувањата се речиси идентични во двата закони и се однесуваат на организирање на наставата во вонредни околности- кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.
Во вонредни услови, училиштето може да продолжи и со воннаставните активности, кои се доброволни за учениците, со тоа што, наставникот во вакви услови води евиденција за присуство на учениците, но не се издава додаток на свидетелството, како што е случај во редовни услови на наставата.
Наставата притоа може да се организира со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење.
За наставата со физичко присуство мора да се исполнети критериумите и условите согласно протоколите и планот за одржување на наставата за основните училишта, донесени од Владата согласно законот, епидемиолошката и друга состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето. Владата одлучува за максималниот број на учениците во паралелка во вакви услови.
Во Законот за средно образование се истакнува дека ова важи и за приватните училишта.
До 10 септември, поднесени се барања за 321 училиште (основно и средно) за физичка настава. Тие се испраќаат до Државниот инспекторат за образование, по што посебна комисија, составена од членови од Кабинетот на премиерот, МОН и Министерството за здравство ќе даде мислење. Оние барања за кои комисијата ќе одлучи дека ги исполнуваат сите барања од протоколите за образование со физичко присуство, ќе треба да поминат и на Влада.
Најголемите забелешки на предложениот модел на настава имаше Сојузот на средношколци. Иако министерствата за образование и за здравство индиректно прифатиле некои од нивните барања, тие ја оставаат отворена опцијата за бојкот во случај комбинираната настава да не се спроведува и во училиштата со повеќе ученици.