ЈП „Комунална хигиена“ постави сензори на контејнери низ Скопје да покажуваат кога се полни. Уредите сега за сега се поставени само на подземните контејнери на 30 локации, а предвидено е со нив да се опремат и новите контејнери кои треба да се постават низ градот есенва.
Очекуваме големи придобивки од воведувањето на овој систем за надзор на собирањето и транспортот на отпадот. Преку сензорите ќе се утврдува дали еден контејнер е целосно или делумно исполнет со отпад и во согласност со тоа да се испланираат активностите на екипите на претпријатието, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.
Покрај сензорите за контејнерите, воведен е и нов ГПС-систем со којшто ќе се врши надзор на движењето на сите специјални комунални возила за собирање и транспорт на отпадот. Од претпријатието велат дека со тоа во секој момент ќе имаат слика за движењето на возилата, нивната моментална локација, брзината на движењето и потрошувачката на гориво.
-Апелираме до граѓаните кабастиот отпад да не го фрлаат во контејнерите бидејќи поради тоа имаме проблем со преполни садови. Со Општините одлучивме неколку пати во месецот да одредиме локации каде граѓаните ќе можат да го фрлат ваквиот вид на отпад и со тоа ќе придонесат за почиста животна средина, додава Шабани.