Во СЈО утринава мирно, Јанева на работа а дел од обвинителите далеку од нејзин видик

by fokus

Во СЈО утринава е мирно. Шефицата Катица Јанева и денеска се појавила на работа, но засега, според извори од обвинителството, за разлика од претходните денови, владее тишина.

Бројот на обвинители кои се во СЈО е мал, бидејќи дел од нив се уште се на одмор, обвинителката Лиле Стефанова е на судење, а дел се оправдано отсутни, меѓу кои и обвинителката Фатиме Фетаи.

Фатаи вчера жестоко реагираше на одлуката на Јанева сите кои влегуваат и излегуваат од СЈО да бидат претресувани, иако оваа одлука досега важеше само за странките, кои не се вработени во обвинителството. На прашањето дали оваа наредба на Јанева важи и денес, од прес службата на СЈО велат дека нема такво нешто.

Обвинителите обвинија и дека изминатите денови Јанева им се заканила дека доколку таа пропадне, ќе ги повлече и нив со неа, што се сметаше за директен притисок врз нив, бидејќи дел се повикани да сведочат за истрагата „Рекет“.

Денес во Обвинителството за организиран криминал и корупција за истрагата „Рекет“ треба да сведочи обвинителот Бурим Рустеми, а веќе свое сведочење дадоа обвинителките Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова.

Во вторник со обвинителката Вилма Русковска треба да се соочи и Јанева, која добила покана во својство на сведок. Сепак не се исклучува можноста нејзиното својство набрзо да се измени, односно да стане осомничена.

За „Рекет“ засега осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец, кои се гонат дека земале 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, кој плаќал за да се спаси од кривичен прогон за истрагата „Империја“.

В.В.

Поврзани новости